Нов шок на судењето: „Палчо ми ја даде изјавата да ја потпишам“

Нов пресврт на судењето за двојното убиство во Скопје. Еден од обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Влатко Кешишев, на денешното судење побара збор и истакна дека писмото кое претходно го предал на судијата, дека Љупчо Палевски Палчо не бил присутен при убиствата, не е негово, односно напишаното не е вистина.

Кешишев рече дека првообвинетиот Љупчо Палевски му ја дал изјавата додека биле сами во полициско возило и му рекол да ја препише и да ја потпише.

– Изјавата не е моја, ми беше даден лист да препишам и да го потпишам – рече Кешишев.

– Кој ви го даде? – праша адвокатот.

– Палчо – рече Кешишев, кој додаде дека писмото го напишал од страв од Палчо.

Посебно внимание предизвика прашањето на адвокатот кога дошло до средба меѓу нив, ако се имаат во предвид мерките да нема никаква средба или контакт меѓу обвинетите.

Кешишев објасни дека Палчо му го дал листот при транспортот од суд, бидејќи на двапати биле заедно во компбето кое ги пренесува од притворот во суд.

По ова, судијата Ивица Стефановски му рече на Кешишев дека ова ќе може да го каже подоцна при својата одбрана.

Претходно, обвинетиот Влатко Кешишев на рочиштето одржано на 20 ноември ја повлече изјавата дека Љупчо Палевски бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Кешишев во изјавата која ја достави преку затворот до судот наведе дека Велибор Манев им вршел притисок да кажат дека Палчо е организатор и дека тој пукал.

Утринава, пред почетокот на денешното рочиште, обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска во однос на тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишов, кој го смени првичниот исказ и тврдеше дека Палевски не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата, обвинителките рекоа дека оваа изјава на Кешишов нема материјална вредност.

– Оваа изјава нема доказна вредност, а обвинетите ќе имаат можност да дадат своја одбрана во текот на судењето – рече обвинителката Стојковиќ Димитровска.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде