Метео анализа на Славчо Попоски:
До крајот на оваа недела во Македонија ќе имаме многу променливо време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.
На планините, повремено и на повисоките места со надморска височина до околу 1000 метри, и тоа особено во западните предели ќе има врнежи од снег, каде снежната покривка ќе се зголемува.
Особено во недела повремено ќе дува засилен ветер од јужен и од југоисточен правец.
И во Скопскиот регион следува период на променливо време со повремен локален дожд, додека на околните повисоки планини ќе има услови и за повремени врнежи од снег. Особено во недела ќе дува повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Што се однесува до температурите, поради облачноста наутро тие речиси насекаде ќе бидат над нулата, со исклучок на високите и планинските места каде секако како што погоре напоменав ќе имаме нов снег а и температурите ќе бидат многу пониски.
Максималните дневни температури пак во Македонија во следниот период ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 13 степени.
Барем одсега гледано, повторно спуштање на значително поладен воздух од север во Македонија ќе има кон средината на следната седмица, но околу ова подетална и многу попрецизна анализа ќе имам за време на викендот.