Православните верници на 19 декември го слават Свети Никола, слава која ја одбележуваат најмногу семејства.
Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец. Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните.
Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу Православната и Католичката црква од 1054 година.
Неговите богати родители Теофан и Нина, го добиле синот Никола во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското Царство. Младиот Никола растел во такво нестабилно опкружување.
Кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство. Никола е избран за архиепископ мирликиски. Бил и еден од архиепископите што се повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година.
Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква „Мирликиска митрополија“, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот „Свети Јован Претеча“.
Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Во христијанскиот календар, свети Никола се слави на 6 декември според стариот Јулијански календар т.е. на 19 декември, според новиот Грегоријански календар.
На овој ден не се работат никакви домашни работи, не треба да се чисти, пере, но одете во црква, запалете свеќа и помолете се на Бог!
Свети Никола за животот ги подучувал луѓето, лекувал, им помагал на сиромасите.. Многумина не знаат, но Свети Никола станал заштитеник на морнарите затоа што својот имот го користел за откуп на заробениците.
Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник. Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.