ТРАГЕДИЈА Почина 7-месечно бебе на Детската Клиника

Бебе на возраст од 7 месеци минатата вечер починало на Клиниката за детски болести, потврди директорот Реџеп Мемеди. Бебето според директорот имало оштетување на повеќе органи по што дошло до влошување на состојбата и смртен исход.

-Лекарите вложиле напори да го спасат но не успеале. Се трудиме да имаме што помалку смртни случаи ама не секогаш нашето знаење ни помага да одбегнеме морталитет, вели Мемеди.

Ова е петто дете што почина за само неколку месеци на оваа Клиника. Мемеди пред 1 месец одржа прес-конференција на која уверуваше дека не постои зголемена смртност на Клиниката и обвини дека се прави црна кампања против Клиниката со цел – превласт.

Непосредно пред оваа прес-конференција Државниот здравствен и санитарен инспекторат влезе во Клиниката и констатираше дека од вкупно вработени 45 доктори специјалисти, дежураат само по тројца доктори, а притоа ниту еден од нив не дежура во амбулантата на Клиниката.

Прегледите во дежурната амбуланта се вршат од страна на специјализанти, кои издаваат медицинска документација во име на дежурните доктори специјалисти, а некогаш и документација и без потпис и печат.

Ова е една од причините поради кои Државниот здравствен и санитарен инспекторат пред 1 месец парично ја казни Клиниката. Прекршочниот платен налог за клиниката беше 4.000 евра, а за директорот Реџеп Мемеди 1.200 евра.

ДСЗИ освен ова, констатирал и дека од вкупно 14 доктори специјализанти кои исполнуваат услов за добивање на времена лиценца од Лекарска комора на Македонија и времени факсимили за работа, само за двајца имало обезбедени времени лиценци за работа и не било поднесено барање до министерот за здравство за обезбедување времени факсимили за работа на Клиниката.

Во ноќна смена во дежурна амбуланта, на Клиниката работеле доктори специјализанти без времени факсимили за работа и доктори кои не исполнуваат услов постар специјализант.

На Клиниката недостасува кадар.

-Недостигот на кадар е системски недостаток кој се провлекува со години. Да, дежураат специјализантите ама и специјалистите се присутни. Имаме сериозен недостаток на кадар. За последните 15 години од Клиниката заминале 40 специјалисти или во пензија или во приватното здравство. Зошто се случил ваков егзодус од Детската клиника и таа состојба сум ја наследил? Ваков недостиг на кадар е прашање кое не може да се реши преку ноќ, рече Мемеди пред 1 месец.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде