Обвинителството бара притвор за директорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер, Артан Груби, кои се осомничени за проневера во Државната лотарија.
Според информациите од Јавното обвинителство, барањето е со цел притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по пронаоѓањето и приведувањето на двајцата осомничени, кои во моментот не се во државата.
Од Обвинителството велат дека oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ лани, преку вршење на своите посебни овластувања и должности,
заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво, со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
Првоосомничениот, претседател на Управниот одбор – Генерален директор на „Државна лотарија” на 9 мај 2023 година електронски до Владата, во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ-терминали и нивно имплементирање.
Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на “Државна лотарија”, а не од Собранието на акционери.
Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД “Државна лотарија” согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија – “Касинос Аустрија” ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што “Државната лотарија” се стекнала со удел од 51% во основната главнина на друштвото формирано со “Касинос Аустрија“.
Второосомничениот, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека “Државната лотарија” нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 6 јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка, велат од Обвинителството.