Општина Кисела Вода од понеделник ќе започне со исплата на субвенциите на жителите од оваа општина, кои навреме аплицирале и ги исполниле критериумите од јавните повици кои беа објавени во изминатиот период.
Според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски станува збор за континуирана поддршка на граѓаните, особено за ранливите категории граѓани со што се олеснува нивната секојдневна борба со финансиските предизвици.
Овие субвенции кои се во вкупен износ од околу 4 милиони денари, се наш придонес за подобрување на животниот стандард на граѓаните – вели Ѓорѓиевски.
За субвенционирање и поддршка за кофинансирање за набавка на пелети за домаќинствата на територија на општина Кисела Вода, до комисијата за утврдување на исполнување на условите за доделување на финансиски средства,
пристигнале вкупно 301 барање, од кои се одобрени 297, а 4 се одбиени поради некомплетна документација. Финансискиот надомест за оваа намена е во висина од 50 отсто од вредноста, но не повеќе од 10.000 денари.
За субвенционирање и поддршка за кофинансирање за набавка на печки на пелети за домаќинствата, пристигнати биле вкупно 22 Барања, 20 се одобрени, додека 2 се одбиени поради некомплетна документација.
За надомест на дел од средствата за купување на дрва за огрев, аплицирале 278 граѓани, а одобрени биле 249 барања со комплетна документација.