Кумановското обвинителство поведе истражна постапка против едно 25-годишно лице кое во семејниот дом во Крива Паланка се обидело со умисла да лиши од живот 22-годишна девојка, пријателка на член од неговото семејство.
„Јавен обвинител од ОЈО Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство, од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Осомничениот 25-годишник, во семејниот дом во Крива Паланка, се обидел со умисла да лиши од живот 22-годишна девојка, пријателка на член од неговото семејство.
Во алкохолизирана состојба, осомничениот влегол во вербална расправија со жртвата, а потоа и физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ три убодни рани со нож во вратот.
Според лекарите, жртвата во моментов не е во животозагрозувачка состојба, но ѝ се предизвикани тешки телесни повреди“, соопшти Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.