Англиската пејачка и актерка Мaриaн Фејтфул почина на 78 години, изјави нејзиниот портпарол.
„Со длабока тага соопштуваме дека почина кантавторката и актерка Мaриaн Фејтфул. Таа почина мирно во Лондон денеска, во друштвото на нејзиното сакано семејство“, стои во соопштението.
Со дискографија која опфати поп-хитови од 1960-тите, синтпоп и соработки со Ник Кејв, Лу Рид, Ворен Елис, „Металика“ и други, Фејтфул беше обожавана меѓу фановите и колегите музичари, но и во светот на модата и филмот. Таа исто така се прослави како девојка на Мик Џегер во 1960-тите и успеа да ја воскресне кариерата по тешки времиња во 1970-тите.
Родена во Лондон, Фејтфул ја почнала музичката кариера откако го запознала менаџерот на „Ролинг стоунс“ во 1964, кој ги замолил Џегер и Кит Ричардс да го напишат нејзиниот прв сингл „As Tears Go By“, кој влезе во топ-10 на британската топ-листа. По уште неколку хитови, Фејтфул почнала да глуми во филмови, снимајќи со Ален Делон, Орсон Велс, Ана Карина и Гленда Џексон.
Поради врската со Џегер ѝ се распаднал првиот брак, при што често беше опишувана како муза на „Ролинг стоунс“.
Откако скандали и зависноста од тешки дроги ѝ го нарушија угледот, Фејтфул направи голем музички камбек во 1979 со албумот „Broken English“, за кој беше номинирана за Греми. Во 1985 целосно се откажа од дрогите и потоа продолжи редовно да издава албуми и повремено да снима филмови. Во кариерата објави 21 албум.