Говорејќи за сообраќајната несреќа со смртен иход во која загина 22-годишната Фросина Кулакова, шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски вечерва во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека постапката што се води против возачот Васил Јованов за ова кривично дело е проширена и со постапка за неговите родители.
Додаде дека тоа е со цел да се испита влијанието и дејствијата на родителите во насока на која му е овозможено на обвинетиот да има средство, во случајот возило, што може да се толкува како општо опасно.
„Значи, проширена е постапката и кон родителите и дадени се соодветни наредби и до Министерството за внатрешни работи, односно до Секторот за внатрешни работи Скопје да ги испираат овие околности во однос на тоа кој му давал средства за бензин на возилото, од кога е возилото, кога го употребувал, кога е купено.
Сето тоа ќе биде предмет на анализа. Евентуално ако може да се стават тие дејства во насока да му се става општо опасно средство со кое е извршено кривичното дело, тоа би подлегнало на некаква одговорност“,рече тој.