Финансиската полиција најде криминали во работењето на ексдиректорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски.
Примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера, несовесно работење се кривичните дела што му се ставаат на товар. Главниот набавувач во Владата три години ги правел злоупотребите за кои се сомничи.
– Свесно и со умисла, извршил службени дејства што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од второпријавениот Г.П., a притоа не го пријавил постоењето судир на интереси, не се иззел од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе – пишува во пријавата на Финансиската полиција.
Мирчевски пет пати давал лажни податоци во изјавите за непостоење судир на интереси во постапките за јавни набавки.
Лажирал и службени патувања, хотелско сместување, авиобилети, патни налози, рентакар возила, кои биле користени за приватни потреби, со што ја оштетил државата за 30 илјади евра.
Поранешниот директор на СОЗР дозволил една година владиниот авион да биде управуван од пилот кому му се давала плата како да е капетан. Па така, човекот, кој иако немал такво звање, си наплатил 56 илјади евра за услугите.
Од Јавното обвинителство информираат дека се извршени претреси во домовите на осомничените и се собира документација за докажување на злоупотребите на државниот буџет. (П.А.)