СДСМ утрово соопшти дека странските инвеститори си одат од земјава и се губат работни места откако вчера беше обелоденето дека ирско – американската компанија „Аптив“ го затвора погонот во ТИРЗ Бунарџик кај Скопје, а британскиот гигант „Џонсон Мети“, најголемиот извозник од Македонија, ќе го намали бројот на вработени.
„Аптив“, која со години функционираше во индустриската зона Бунарџик, вработуваше околу 500 лица.
Една компанија го затвора погонот, друга ќе го намали бројот на работни места.
Компанијата „Аптив“ која долго време функционира во Бунарџик и во која работат околу 500 лица, во одговор до Телма на прашањето дали ја затвораат фабрика во Скопје, велат дека поради оптимизирање на производствените капацитети, согласно случувањата на глобалниот пазар, производство од Бунарџик го селат во нивните погодини во Полска и Португалија, а во Македонија се затвора.
Во дописот стои и дека имаат план за поддршка на вработените во текот на целата транзиција, која ќе биде во согласност со локалните закони и прописи, односно ќе ги обештетат. Од друга страна, пак, добро познатата компанија „Џонсон Мети“ која, исто така, долги години работи во индустриската зона Бунарџик, ќе го намали бројот на работни позиции поради глобалните случувања.
„Со оглед на неодамнешните глобални економски притисоци на автомобилскиот пазар, правиме прилагодувања на сменските модели во некои наши локации за да ја балансираме понудата со побарувачката во блиска иднина. Ова, за жал, ќе резултира со ограничен број на работни места кои би биле предмет на намалување“, се вели во дописот од „Џонсон Мети“.