Мицкоски потврди: Разговараме за менување на државниот грб

Постои политичка волја кај владините коалиционери за промена на државниот грб. Премиерот Мицкоски потврди дека владејачките партии ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Вреди го отвориле ова прашање но повеќе детали не открива. Премиерот потсетува дека ова не е нова тема, иницијативата потекнува уште од владата на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во 2014г. 

И од коалицијата Вреди сметаат дека државниот грб но и химната се од поранешниот систем и не ја отсликуваат реалната слика во државата. Од Вреди за Сител велат дека се подготвени, ова но и други прашања кои ги засегаат Албанците да се решат со измени во највисокиот државен акт. 

 „Неспорно е дека актуелниот државен грб сеуште се базира на елементи од  поранешниот социјалистички систем, исто како што и актуелната државна химна не ја одразува реалноста.

Коалицијата ВЛЕН е подготвена за разговори за евентуален поширок пакет на уставни измени кои ќе вклучуваат и прашањата за бришење на недостоинствената уставна формулација за употребата на Албанскиот јазик и амандман за спречување застареност на кривични дела сторени со политичка корупција.“

Засега власта не открива на кое ниво се отпочнати разговори и во која фаза е прашањето за промена на државниот грб.

 Ваков обид имаше и во 2014 кога ВМРО ДПМНЕ и ДУИ на владина  седница изгласаа одлука  за носење на нов државен грб. Идејата тогаш беше националниот симбол да биде со црвен разгневен лав, во златно жолт штит  и муралната круна  во форма на тврдина, симбол кој според тогашната власт би бил со трајни вредности нешто за кое тогаш се согласија и од  ДУИ. 

Инаку за промена на државниот грб потребно е двотретинско мнозинство во Собранието. Последен пат овој симбол беше изменет во 2010та кога од актуелниот грб беше отстранета само црвената петокрака.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде