Комората на трговци бара итна средба со Владата: Со ограничувањето на маржите ќе се затворат маркетите и ќе се отпуштат вработените

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун бара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите.

Како што соопшти Комората, одлуката која предвидува 10-процентно ограничување на маржите ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите.

Штетите, според Комората, ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4 700 вработени.

„Во целост ја оспоруваме одлуката за ограничување на маржите на 10 проеценти. Со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Ќе мора да донесуваме рестриктивни одлуки за отпуштање на нашите вработени, за реструктурирање на работењето и за затворање на маркетите.

Затоа, бараме итно да се најде заедничко решение. Посочуваме да се земат предвид анализите кои покажаа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите.

Потенцираме дека никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници.

Ако тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостигот на производи. Само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, а кај нив се зголемува“, наведуваат од Комората.

Комората укажува и дека досега, во формирањето на цените, не се мешала ниту една Влада.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде