Уште една сообраќајна несреќа со трагичен крај во земјава – 26 годишен возач ноќеска неколку минути по полноќ усмрти 78-годишен велосипедист.
Полицијата соопшти дека велосипедистот загинал на лице место откако им подлегнал на повредите, додека на местото на настанот увид е извршен и од страна на јавен обвинител. Првично не е утврдено дека возачот бил под дејство на алкохол.
„Непосредно по настанот, кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, меѓутоа сепак се земени примероци од крв и урина за дополнителни анализи. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, како и наредба за обезбедување на евентуални снимки од видео надзор, наведуваат од ОЈО.
Покрај овој случај, денеска е уапсен и 19-годишникот кој во текот на попладневните часови вчера во сообраќајна несреќа на патот Тетово-Гостивар, управувајќи со Мерцедес со словенски регистарски таблички усмрти 81-годишната жена од Охрид, која била во другото возило. Во несреќата имало уште две потешко повредени лица.
„Со тешки телесни повреди се здобиле В.В. (47) и С.В. (69) од Охрид, сопатници во возилото “пежо”, кои со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Ургентен центар Гостивар за укажување на лекарска помош. Извршен е увид од ОВР Гостивар и јавен обвинител, по чија наредба возачот А.А. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.