Сопственик на компанија од САД, по потекло Македонец, е пронајден убиен, а седиштето на неговата фирма било запалено завчера во Крествуд во американската држава Илиноис. Полицијата соопшти дека е уапсен осомничен за крвавиот чин, јавија локалните медиуми.
Кратко по 16 часот во средата, полицијата и пожарникарите на Крествуд одговориле на повик за силен чад во компанијата „ATG Truckload“. Починатиот сопственик на компанијата е идентификуван како 48-годишниот Дане Котески, кој на веб-страницата на транспортната компанија е наведен како претседател и извршен директор, пишуваат медиумите.
Пожарникарите на Крествуд брзо го изгаснале пожарот, а на вториот кат од зградата, среде густиот чад, го пронашле телото на Котески. Полицијата во Крествуд и Единицата за тешки злосторства во јужните предградија веднаш започнале истрага. На местото на настанот пристигнал и Државниот противпожарен инспектор од Илиноис, кој треба да утврди со сигурност дали пожарот бил подметнат.
Во текот на следните неколку часа, инспекторите собрале и следеле бројни траги, по што идентификувале осомничен за злосторството. Утврдено е дека станува збор за возач кој работел кај починатиот сопственик на фирмата. Полицијата го карактеризира убиството како изолиран инцидент, насочен само кон жртвата.
Осомничениот на крајот бил лоциран на постојка за камиони во Холанд, Мичиген, на околу 230 километри од Крествуд. Полицијата соопшти дека Единицата за тешки злосторства ја известила полицијата на Холанд, која го привела осомничениот околу 5:15 часот по централно време.
Се чекаат резултатите од обдукцијата. Полицијата, во соработка со обвинителството на Округот Кук, ја продолжува истрагата додека работи на екстрадицијата на осомничениот назад во Илиноис.
За помош на семејството на починатиот Котески, започна хуманитарна кампања преку платформата GoFundMe. Секој што сака да помогне може да донира средства, а секоја помош ќе биде од големо значење за семејството во овие тешки моменти, пишуваат медиумите.
Извор: Слободен печат