Починатите лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип, кажа денеска директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска.
Кај нив се хоспитализирани 20 пациенти од 18 до 23 години.
Директорката кажа дека првиот повик дека има пожар го добиле во 2:48, за 30 минути се екипирала цела болница. Стигнале 70 пациенти, биле со изгореници и со труења од јаглерод моноксид.
„Носеа починати лица, но имаше и што починаа на прием. Бидејќи немаме доволно возила, се јавив кај сите болници во Источна Македонија, а почнаа и да пристигаат возила за Брза помош од Скопје и Велес. Се транспортираа потешко повредените до Штип и во Скопје“, кажа д-р Серафимовска.
Според првичните информации, како што кажа во Кочани министеот за внатрешни работи Панче Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК.