Планинарката Ивона Антова (21) е една од жртвите во пожарот во таканареченото кабаре ,,Пулс” во Кочани, а нејзиниот татко Тоше, кој исто така е планинар, започнал иницијатива за изградба на Меморијален паметник кај Пониква, на Осоговските планини.
Како што пишува кочанскиот електронски медиум Гласно.мк, станувало збор за иницијатива преку која Антов бара поддршка од Локалната самоуправа на Кочани, граѓаните и стопанствениците за изградба на мини меморијален парк со паметник, како место преку кое ќе живее споменот за сите 60 починати луѓе во трагедијата и за возачот на брзата помош.
-Идејата е да се издигне 8 метарски столб во вид на скали со ѕвезда, од најмалиот до највозрасниот згаснат живот во трагедијата, при што на врвот од столбот да биде поставен знакот за бесконечност.
Целиот столб и врвот ќе бидат осветлени. Просторот околу него ќе биде хортикултурно уреден, со поставување на клупи и друга урбана опрема, дрвца и цвеќе. Секоја година ќе бидат садени 60 дрвца во чест на починатите и на возачот на брза помош, изјавил Антов за Гласно.мк и во наредниот период ќе започнеле административните процедури за добивање на согласност од општината.
Се очекувала поддршка од останатите фамилии на жртвите.
