Во тешка сообраќајна несреќа што се случи утрово во 4:30 часот кај местото Шеваш Њиве во Херцеговина, на делницата помеѓу Житомислиќ и Почитеље, загинаа три лица.
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи на Херцеговачко-неретванскиот кантон, Илијана Милош, потврди за Klix.ba дека уште две лица се повредени, но степенот на нивните повреди сè уште не е познат.
„Утрово во 4:30 часот се случи тешка сообраќајна несреќа во која учествуваа три патнички возила на автопатот М-17, во местото Шеваш Њиве.
Во несреќата животот го загубија три лица, додека две се здобија со повреди од неутврден степен.
Сообраќајот е целосно запрен, а местото на инцидентот ќе го истражуваат припадници на Секторот за криминалистичка полиција со помош на Полициската управа Чапљина, под надзор на дежурниот обвинител“, рече Милош.
Како алтернативна рута, за возачите се препорачува рутата Буна – Пјешќи – Домановиќи – Чапљина.
