Вчера попладне невреме проследено со обилен дожд и град предизвика сериозни проблеми во Скопје.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) преку бројот за итни повици 112 добил повеќе пријави за поплавени улици, заглавени возила, паднати дрвја и нарушен сообраќај во различни делови од градот.
Една од најсериозно погодените локации е булеварот „Никола Карев“ кај Бит Пазар, каде што под Стоковна куќа Мост е пријавено приближно 50 сантиметри вода.
Целиот булевар е непрооден, а повеќе возила беа заглавени во поплавата.
Изолирана појава на краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот ќе има и денеска (сабота 7 јуни).
Апелираме, во случај на појава на невреме граѓаните да обратат поголема внимателност, односно, во случај на појава на електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Исто така, во случај на појава на силен ветер, граѓаните своите автомобили да ги заштитат, однсоно, да не ги ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се осамени, предупредува метеопрогнозерот.
