Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените.
Духовденската Задушница, позната и како летна, се чествува пред празникот Света Тројца, познат и како Духови или Педесетница, празник кој се слави 50 денови по Велигден и 10 дена по Спасовден.
Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.
На денот на одбележувањето на оваа Задушница, во црквите се служи света литургија и панихида, а се читаат молитви за сите починати. На гробиштата се палат свеќи, а свештениците извршуваат индивидуални панихиди, молејќи го Господа да биде милостив кон покојникот.
Според вообичаениот календар, посетата на гробиштата за време на панихидата се смета за обврска на роднините. Ако тоа не е можно, свеќа може да се запали во црквите.
Духовденските задушници се споменуваат во црковните книги уште од 12 век. Наместо вообичаеното принесување храна, Црквата повикува на молитва и дарување на сиромашните, болните и прогонетите.
На овој празник се верува дека свеќата запалена на задушница, гори до следната. Исто така, постои верување дека ако не се запали свеќа за помен, мртвите ќе бидат во темнина една година.
Вообичаено е на гробиштата да се носат варено жито, вино и свеќи. Изнесувањето различни јадења и пијалоци не се смета за православен обичај. Зрното симболично не потсетува на Христовите зборови дека житото дава плод само кога умира, и тоа не во темнината на земјата, туку во светлината на сонцето.
Според народните обичаи и верувања, во петок се оди на гробишта каде се посетуваат почнатите членови на семејството и се носат посни продукти за раздавање „за да им се најдат“ на блиските.
Во некои населени места сѐ уште постои традицијата ноќта да се помине на гробишта.
Исто така, во некои краишта постои обичајот освен храна, на овој ден да се раздаваат керамички садови.
Често се верува дека обичаите за вакво масивно раздавање храна влечат корени од паганските обичаи во претхристијанското доба, кога се верувало дека храната дадена на овој свет ќе му се најде на починатиот на оној свет.
Свештениците со години наназад апелираат дека храната не треба да се носи и да се остава на гробовите, туку да се донира на социјално загрозените семејства и во народните кујни.
