Премиерот Христијан Мицкоски најави позитивна мерка што ќе донесе финансиско олеснување за највозрасните граѓани – сите пензионери ќе добијат линеарно зголемување на пензиите.
„Каде и да одам, пензионерите бараат линеарно зголемување. Затоа сме многу блиску до носење на ваква одлука“, изјави Мицкоски во гостувањето на Канал 5, нагласувајќи дека оваа мерка е директна поддршка за нив и израз на благодарност за нивниот животен труд.
Владата веќе прави проценки за процентуалното зголемување и вкупната сума што ќе се подели подеднакво. Целта е јасна – поголема правда и достоинствена старост за сите пензионери.
Тој појасни дека се прават анализи за линеарно зголемување на пензиите по илјада денари есенва во октомври кога ќе ја земат пензијата и во април идната година за мартовските пензии, односно практично за 2.000 денари линеарно зголемување за сите пензионери во рамки на шест месеци.
-Сериозно сме во таа анализа и многу скоро од денес ќе излеземе со предлогот, бидејќи тоа мора да се случи пред распишување на изборите, рече Мицкоски.
