Неконтролиран пожар го зафати Паркот на природата Езерани во Преспа, информираат утрово од Македонското еколошко друштво.
Оттаму велат дека утрово Преспа повторно се разбудила обвиена во чад по деноноќното уништување предизвикано од пожарот.
„Ова заштитено подрачје сместено на северното езерско крајбрежје важи за едно од најзначајните подрачја за биолошка разновидност во Преспанскиот регион и во државата, дом на голем број растителни и животински видови кои во моментот се жртва на пламените јазици.
Освен негативните последици врз биодиверзитетот, пожарот несомнено ќе се одрази негативно и врз целиот Преспански предел, дополнително ќе биде нарушена состојбата на Езерото, како и квалитетот на живот на локалното население!
Под ризик се приватните поседи и овоштарниците од населените места кои граничат со Паркот!“ се вели во објавата на Фејсбук.
