Пред да започнам со говорот, сакам да соопштам две убави работи кои денес се завршија во македонското Собрание.
Помина Законот, со кој на сите студенти во државата запишани на додипломски студии за учебната 2025-26та година ќе добијат таблет, лаптоп или компјутер. Поддршка за секој млад човек.
И втората работа е ново додатно покачување на пензиите на пензионерите, линеарно, онака токму како што тие бараа. Вака се сака Македонија, рече премиерот Христијан Мицкоски вечерва на трибина во Кичево.
-Додека опозицијата клевети, удира ниско, работи против државата, ние градиме, придонесуваме и се бориме за сите граѓани. Со голема чест и големо срце стојам вечерва овде меѓу вас, во градот кој има дадено многу за нашата татковина. Град со традиција, со борбен дух и со луѓе што знаат што е вредност, што е достоинство, што е исправност. Оваа вечер е посебна.
Не само затоа што сум со вас, туку затоа што заедно можеме да погледнеме наназад, на една година исполнета со борба, со работа, со резултати. Но, уште поважно, да погледнеме напред. Со надеж. Со план. Со волја за промена и за подобро утре за секој еден човек во нашата Македонија. Пред точно една година, народот донесе одлука. Реши да ја земе иднината во свои раце. По седум години хаос, пониженост, криминал, уцени, поделби и страв, конечно дојде времето на правдата, на слободата, времето на работа.
Граѓаните ја вратија надежта во сопствени раце. Доволно беше од заробена држава, доволно беше од корупциски скандали, од уценети функционери, од неми институции. Македонија беше држава во која владееше партијата, а не законот. Народот беше понижен, а криминалот беше наградуван. И тогаш, граѓаните гласно кажаа доста е. И го избраа патот на вистината и на исправноста. Ни ја дадоа довербата, да ја водиме оваа држава и од тој ден започна промената, рече тој.
