Моќен земјотрес со јачина од 8,7 степени по Рихтеровата скала утрово ја погоди руската област Камчатка, при што беше издадено цунами предупредување за широк појас од Пацификот, вклучувајќи ги и Курилските Острови.
Според првичните податоци на руските служби, потресот се случил во 10:30 часот по локално време, на растојание од околу 360 километри североисточно од градот Северо-Курилск. Подоцна, Геофизичкиот институт на Русија го потврди интензитетот од 8,7 степени, што го прави најсилниот земјотрес во Камчатка од 1952 година досега.
Иако нема информации за жртви или повредени лица, во градот Петропавловск-Камчатски била оштетена зграда на детска градинка, каде дел од ѕидот се урнал. Среќна околност е што во објектот немало деца ниту вработени во моментот на потресот, информираше гувернерот на регионот, Владимир Солодов.
Метеоролошката станица во близина на Јелизовскиот реон регистрирала бранови високи од три до четири метри.
Јапонската агенција за метеорологија реагираше со издавање на предупредување за потенцијално цунами на источниот брег на Јапонија. Компанијата ТЕПКО, која управува со нуклеарната централа во Фукушима, го суспендираше испуштањето на преработената вода поради ризик од нови бранови.
Во САД, Хаваите се најдоа под цунами аларм, а локалните власти ги повикаа жителите да бидат во приправност за евакуација.
Кина, пак, активираше предупредување за источниот брег, предвидувајќи бранови од 30 сантиметри до еден метар височина. Министерството за природни ресурси предупреди на можни последици за одредени крајбрежни области.
Во Хонолулу, властите започнаа со евакуација на делови од брегот, додека неколку држави од Азија и Јужна Америка преземаат превентивни мерки.
