Четврта несреќа за месец дена на патот Градско – Фариш. Жестоки се реакциите за клучката на која редовно се случуваат сообраќни незгоди поради недоволна сигнализација.
Ова е четврта незгода на истото место во истата банкина која го загрозува животот и здравјето на они кои патуваат, но и на локалното населени.
Пред недела дена возило излета од патот на истата локација, а тоа беше трета несреќа на истото место откако е отворен патот.
Еден загинат, едно тешко повредено дете и повреден возач е билансот од четирите сообраќајни несреќи што се случија во рок од само еден месец на новиот експресен пат Градско – Фариш.
Дополнително, во истиот период, регистрирано е и излетување на шлепер, поради што сообраќајот беше во прекин пет часа. Жителите од населбата Стопанство, која се наоѓа веднаш до критичниот свиок на исклучокот од патот, на влез кон автопатот за Скопје од правецот на Прилеп, велат дека бројот на несреќи е далеку поголем и стравуваат за својата безбедност, бидејќи возилата им влетуваат директно во дворовите.
„Не се само овие несреќи. Најмалку десетина автомобили има излетано тука. Овие што полицијата ги кажува се поради тешките повреди, а другите минуваат со лесни.
Проблемот е што колите и камионите, кога ќе излетаат со голема брзина, слетуваат во дворовите од нашите куќи. Ние стравуваме за нашите животи и животите на нашите деца. Кога спиеме, од кај да знаеме што ќе се случи“, велат загрижените жители.
