Тажна вест ја разбуди Македонија: Почина познатиот македонски професор

Почина истакнатиот професор, научник и книжевен преведувач Владимир Цветковски.

Роден е во 1934 година во Битола, каде завршил основно и средно образование. Редовните студии по англиски јазик и книжевност ги завршил во 1959 г. на Филолошкиот факултет во Нови Сад, а магистрирал во 1964 г. на Пенсилванскиот универзитет во Филаделфија, САД.

Докторирал на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје во 1975 г. со докторската дисертација под наслов: Сложени именки во англискиот и македонскиот јазик- контрастивка анализа.

Во академската 1975/76 г. престојувал на Универзитетот во Чикаго, САД, на постдокторски студии.

Цветковски се вработил на тогашниот Филозофски факултет во Скопје во 1961 г. како хонорарен лектор, а во 1962 г. бил избран за асистент по англиски јазик на Катедрата за англиски јазик и книжевност. По стекнувањето на научниот степен доктор по филолошки науки бил избран за доцент, вонреден професор и редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје.

На Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, Владимир Цветковски изведувал настава по предметите Историја на англискиот јазик и Англо-американска цивилизација, а исто така држел и вежби по предметот современ англиски јазик, часови по предметот Техника на преведувањето, како и вежби по преведување од англиски на македонски јазик. Покрај наставата не матичната Катедра, изведувал и настава по англиски јазик на повеќе факултети на Универзитетот во Скопје (Медицински, Електромашински, Филозофски и др.)

Владимир Цветковски бил член на повеќе научни асоцијации и сојузи во земјата и странство, како што се: Друштвото на наставници по странски јазици, Југословенското здружение за применета лингвистика, Југословенско Шекспирово друштво – секција за Македонија, Југословенско-канадско друштво за литература и култура (претседател 1989/90), Асоцијацијата за австралиски студии и Друштвото за наука, Битола.

Владимир Цветковски активно учествувал на научни собири со реферати. Тој се занимава со прашања од областа на јазикот и книжевноста, книжевните и културните врски, како и со преведувањето. Тоа опфаќа студии и статии, осврти и прикази, преводи од англиски на македонски и од македонски на англиски јазик. Неговата научна и стручна активност се огледува во неговите трудови од областа на јазичната проблематика, теоријата на преведувањето, културните и книжевните врски на Македонија со земјите од англиското јазично подрачје.

Во видокругот на неговото внимание се наоѓа книжевноста или одделни писатели од повеќе земји од англиско говорно подрачје (Австралија, Канада, САД), најчесто, но не и исклучиво, кога се во врска со македонската книжевност или Македонија. Во поглед на јазичните дисциплини неговото внимание е насочено на контрастивно изучување на англискиот и македонскиот јазик (транскрипција, хомонимија и полисемија, сложенки со редупликација), но и на јазикот како носител на културата.

Со својата педагошка, научна и преведувачка дејност, професорот Владимир Цветковски остави траен влог во развојот на англистиката, филологијата, како и во македонската култура и нејзиниот дијалог со светот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде