По кратко боледување вчера почина Илинденка Петрушева, филмски критичар, истражувач на историјата на македонската кинематографија, публицист и одговорен уредник на единственото филмско списание „Кинопис“.
Петрушева долги години беше раководител во Одделението за истражувачка, издавачка, јавна, меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма во Кинотека на Македонија.
Оттаму денеска изразија длабоко жалење и сочувство до семејството посочувајќи дека Кинотека на Македонија загубила искрен пријател и неуморен работник, вистински вљубеник во филмската уметност, а Република С. Македонија исклучително голем културен деец.
Петрушева беше родена на 4 август 1944 година во Пиринска Македонија, во Горна Џумаја, денешен Благоевград, во семејството на Кирил Петрушев, прв министер за внатрешни работи на Народна Република Македонија.
По ослободувањето на Скопје, на четиримесечна возраст е донесена во Скопје каде се школува во гимназијата „Јосип Броз – Тито“ и во десетгодишното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“.
Дипломира на Филозофскиот факултет во Загреб, на катедрата по етнологија, каде изучува и италијански и шпански јазик и факултативно историја и теорија на филм.
