Доцна синоќа тешка сообраќајна несреќа – повеќе лица се повредени

Денеска (14.09.2025) во 00:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Марино, општина Илинден, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „хјундаи тусон“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(36) од Гевгелија и мопед управуван од 16-годишник од с.Идризово, скопско.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле малолетникот и неговата 13-годишна сопатничка од населбата Илинден, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Додека, со телесни повреди се здобиле С.Ј. и неговиот сопатник Х.М.(25) од Вевчани, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“.

Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје, а околу 04:00 часот по наредба на јавен обвинител, возачот С.Ј. е лишен од слобода и приведен во полициска станица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ по член 297 и „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по член 300 од Кривичниот законик.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде