Нов голем пожар синоќа ги разбуди скопјани

Синоќа околу 2 часот по полноќ во скопската населба Козле, на улицата „Јуриј Гагарин“, избувнал голем пожар кој предизвикал вознемиреност кај жителите.

Огнената стихија се случила во близина на основното училиште „Владо Тасевски“, каде што, според сведочења, се слушале експлозии и се ширел густ чад.

Скопјанката Снеже Велков, која живее во близина, раскажува: „Во 02:03 се јавив на 112. Веднаш ми одговорија и ми кажаа дека веќе се во акција. Во 02:12 веќе беше изгасен огнот, остана само чад. Но, во 02:30 повторно се слушаа експлозии и чадот се зголеми.“

На терен интервенирала Противпожарната бригада на Скопје со четири возила, откако огнот најпрво зафатил една шупа. Поради интензитетот на пожарот, била оштетена и кровната конструкција на соседната куќа.

„Пожарот беше обемен и бараше ангажман на повеќе екипи. По два часа борба со огнот, успеавме целосно да го локализираме и изгаснеме,“ изјави командирот на бригадата, Ѕвонко Томевски.

Иако пожарот предизвикал значителна материјална штета, за среќа нема повредени лица. Причините за настанот сè уште се истражуваат и ќе бидат дополнително утврдени.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде