Денес, Православната црква и верниците го одбележуваат празникот на света преподобна Теодора од Александрија, голема покајничка и жена со необична животна приказна, чиј пример и денес служи за духовна поука.
Живот исполнет со покајание
Преподобна Теодора живеела во петти век во Александрија. Иако била во брак со млад човек, на наговор на една гатачка извршила прељуба. Веднаш потоа совеста силно ја измачувала. Во обид да се искупи, таа ја потстрижила косата, се облекла во машка облека и влегла во машкиот манастир „Октодекат“ под името Теодор.
Со својот подвиг, пост, бдение, смирение и искрено покајание, ги воодушевила сите монаси. Но, била наклеветена од една блудна девојка која изјавила дека забременила од „монахот Теодор“. Наместо да се оправдува, Теодора ја прифатила таа клевета како Божја казна за својот поранешен грев. Изгонета од манастирот, седум години живеела по шуми и пустини, а притоа го одгледувала детето на таа жена.
Се борела со тешки искушенија, не се поклонила на сатаната, не примала храна од непознати, не подлегнала на илузии во кои ѝ се јавувал сопругот за да се врати дома. Секогаш кога ќе се прекрстела, демонските привиди исчезнувале како чад.
По седум години, игуменот повторно ја примил во манастир, каде што живеела уште две години во смирение и молитва. Се упокоила во Господ во 490 година.
Какви се обичаите за денешниот ден?
Се смета дека токму во тоа се крие пораката на овој ден – простувањето, помирувањето и поддршката меѓу брачните сопружници.
Во некои краеви постои обичај мажите денес да им донесат на своите жени парче леб и малку вино како симбол на заедништво и љубов, а жените да се помолат за здравјето на семејството.
Денес, празнувањето на денот на Теодора потсетува дека простувањето е клуч за духовен мир и семејна хармонија.
