ОГРОМНА ТАГА: Почина легендарниот Халид Бешлиќ

Регионалните медиуми пренесоа тажна вест – на 71-годишна возраст почина Халид Бешлиќ, еден од најпознатите пејачи на просторите на поранешна Југославија.

Последните денови од животот Бешлиќ ги поминал во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, на одделот за нефрологија, а потоа и на одделот за онкологија поради сериозни проблеми со црниот дроб.

Во август го откажа својот концерт во Градачац, а неговото здравје во тоа време веќе беше сериозно нарушено.

Иако неговиот менаџер пред неколку недели изјави дека состојбата му се подобрува, пејачот за жал не успеа да се избори со болеста.

Халид Бешлиќ е роден на 20 ноември 1953 година во селото Врапци, во близина на Кнежина. Потекнува од скромно семејство, но уште како дете покажал љубов кон музиката, настапувајќи во културно-уметнички друштва.

По завршувањето на воениот рок се преселил во Сараево, каде што започнал да настапува по кафани и ресторани. Неговиот топол глас и искрената интерпретација брзо му донеле симпатии од публиката и внимание од дискографските куќи.

Дебитирал во доцните седумдесетти, а првиот албум „Сиједи старац“ го објавил во 1981 година. Во текот на осумдесеттите, Бешлиќ станал едно од најпрепознатливите имиња на југословенската естрада. Песните „Нећу, нећу дијаманте“„Буди, буди увијек срећна“ и „Миљацка“ се претворија во безвременски хитови што и денес се пеат низ целиот Балкан.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде