Силен земјотрес со магнитуда од 7,6 степени денес го затресе јужниот филипински предел, принудувајќи ги луѓето да ги напуштат објектите и наведувајќи ги официјалните лица да објават предупредување за појава на огромен бран.
Според информациите на ДПА, досега нема информации за повредени лица од потресот, кој се случи во 9:43 часот по локално време во близина на брегот на провинцијата Давао Ориентал, на приближно 1,000 километри јужно од Манила, информираше Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs).
“Очекуваме штета и последователни потреси”, изјави директорот на Phivolcs, Тересито Баколкол.
Жителите на крајбрежните предели во седум провинции беа “строго советувани веднаш да се евакуираат на повисоки терени или да се придвижат подалеку кон внатрешноста”, стои во опомената за цунами од Phivolcs.
Додека Phivolcs ја одреди силата на потресот на 7,6 степени, Американската геолошка служба (USGS) објави интензитет од 7,4 степени.
