Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски во видео порака објавена на социјалните мрежи одговара на обвинувањата од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски кажани на партиски собир.
„Да беше Пинокио – носот ќе ти удреше во крстот на Водно!, вели Јакимовски.
– Христијан Мицковски, по првиот круг на изборите, дојде во Карпош ненајавен, исплашен и во паника. Меѓу двата круга, не сме се виделе — туку само се слушнавме по телефон, кога лично ми ја даде поддршката. „Ме молеше. Ако треба и на колена ќе клекнам, само да ја имам вашата поддршка“ – тоа беа неговите зборови.
Јас за свои 65 години таква реченица немам изговорено. Тоа се реплики од турски серии, не од сериозни политичари.“ Мицковски денес зборува за „бетонизација“ и „урбанистички планови“, а во првите триесет дена од мојот мандат немало ниту еден нов урбанистички план, затоа што општината беше со блокирана сметка. А и да му покажев план, што би разбрал од него? Тој лаже дека дошол да „честита“ победа. Вистината е дека дојде со список од 37 луѓе за вработување, бараше секретар на општината, директор на јавно претпријатие и на училиште, како и урбанистичка маркица за фирма блиска до негов пријател од „Гранит“. Сето тоа – надвор од било каков институционален ред и закон.
Мицковски спомнува „пресуда“ – нема никаква пресуда. Постои само политички прогон за барака која денес е пренаменета во простор каде се згрижени деца од градинката „Мајски цвет“. Иронијата е што пресудата ја донесе судијка што ВМРО-ДПМНЕ потоа ја унапреди во претседател на суд. „Четири пати дојде во мојата општина без ниедна конкретна понуда за граѓаните, освен што се занимаваше со мене. Тоа е крик на очајник и губитник.“
Христијан Мицковски продолжува со лаги затоа што ја чувствува поразеноста, а Карпош одамна го препозна тоа лицемерие. Политика не се прави со закани, молби и лажни сведоштва – се прави со работа, визија и одговорност пред граѓаните, се вели во објавата од Јакимовски.
