Професорот Трајковски: Ве советувам – во овој момент не купувајте станови во Скопје – EВЕ И ЗОШТО

Професорот Дејан Трајковски се огласи пред неколку дена на социјалните мрежи каде што напиша:

Цените на становите во Скопје речиси се удвоија во последниве 5–6 години, што јасно го покажува индексот на цените кој од 100 се искачи на 192,80. Инаку, овој индекс е изготвен од НБРСМ врз основа на податоци за огласени станови за продажба на територијата на градот Скопје.

Дали цените ќе продолжат да растат? Одговорот, за жал, е секогаш ист: ќе растат сè додека постојат луѓе подготвени да плаќаат вакви неразумни суми, често само поради желбата „по секоја цена“ да се живее во Скопје.

Ова е последица на неолибералните политики на сите наши претходни и сегашни влади, според кои државата не треба да се меша во економијата, а иницијативата им е целосно препуштена на приватните градители. Тоа не е ниту фер ниту нормално. Впрочем, дури и во Сингапур, земја со едни од најлибералните економски политики во светот, државата преку својата јавна компанија HDB им гради станови на своите граѓани по прифатливи цени.

И во Македонија постои јавно претпријатие што гради државни станови, но со една клучна разлика: цените се формираат на пазарот, преку наддавање, наместо да бидат засновани врз производните трошоци, со минимална профитна маржа за државата. Дали постои политичка партија што ќе се заложи за ваков модел, или ќе продолжиме да дозволуваме урбаната мафија да дивее и да им ја цица крвта на граѓаните?

Во моментов најразумниот совет би бил: не купувајте станови во Скопје, затоа што едноставно не вредат толку. Работејќи дури и за нешто пониска плата во внатрешноста, ќе задржите многу повеќе пари отколку ако работите за банките и приватните градежни компании кои немаат мера во својата алчност.

“Домовите се за да се живее во нив а не да се шпекулира со истите”. – Си Џинпинг – Генерален секретар на Комунистичката партија на Кина (КПК), Претседател на НР Кина.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде