Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, по претежно суви коловози. Поради појава на магла, на одредени делници е забележана намалена видливост од 50 до 60 метри, информираат од Авто мото сојуз на Македонија.
Намалена видливост поради магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ информираат дека денеска во 10 часот е најавен јавен собир од страна на месното население на селото Двориште, поради што ќе биде блокиран регионалниот пат П-1302 на делницата Берово – Струмица, на местото викано „Студенецо“. Возачите кои сообраќаат на правецот Струмица – Берово се упатуваат да користат алтернативни патни правци.
Потсетување до возачите дека од 15 ноември 2025 година стапи во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на моменталните временски услови. Оваа обврска ќе важи до 15 март 2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност за појава на одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

