Страотни снимки од местото на трагедијата: Верижен судир меѓу 50 возила на автопат, има загинати и повредени

Масовна сообраќајна несреќа во која учествувале околу 50 автомобили и камиони се случи во петокот вечерта на автопатот Канецу во Јапонија. Според првичните информации, најмалку две лица го загубиле животот, додека 26 лица се повредени, од кои пет се наоѓаат во сериозна состојба.

Снимките кои кружат на социјалните мрежи ја прикажуваат драмата на местото на настанот – по серијата судири следела силна експлозија, а потоа избувнал и голем пожар. Над автопатот се издигнувале густи црни облаци од чад, а повеќе возила биле целосно зафатени од пламен.

Според извештаите од локалните медиуми, во моментот на несреќата условите на патот биле исклучително опасни поради обилни снежни врнежи. Лизгавиот коловоз и намалената видливост значително го отежнале сообраќајот и се смета дека токму тие услови придонеле за верижниот судир на толкав број возила.

Поради сериозноста на инцидентот, надлежните служби го затвориле автопатот Канецу во двата правци на сообраќај неколку часа. Тоа било неопходно за да им се овозможи на екипите за итна помош и противпожарната служба безбедно да интервенираат, да ги извлечат повредените и да го изгаснат пожарот. Огнот бил локализиран дури доцна навечер.

Истражните органи започнаа детална истрага со цел да се утврдат точните околности и причините што довеле до масовната несреќа, како и до експлозијата и пожарот кои следеле по судирите.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде