Тешка сообраќајна несреќа се случила вчера напладне во центарот на Скопје, кога возач со патничко возило „сеат“ удрил во повеќе паркирани и движечки возила, како и во урбана опрема.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 26 декември 2025 година околу 12:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Григор Прличев“ патничко возило „сеат“ со скопски регистарски таблички, управувано од С.Р. (52) од Косово, со привремен престој во село Арачиново, удрило во три паркирани возила – „цитроен“, „шевролет“ и „пежо“, како и во три контејнери.
По ударот, возачот продолжил со движење и удрил во патничко возило „сузуки“ управувано од А.Ј. (24) од Скопје, а потоа на крстосницата меѓу булеварите „Крсте Петков Мисирков“ и „Гоце Делчев“ удрил и во семафор, како и во уште едно возило „ауди“ управувано од С.Г. (29) од село Долно Лисиче.
Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил возачот С.Р., кој бил пренесен и згрижен во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
За настанот е известен јавен обвинител, а увид на местото извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на причините за несреќата.

