Со длабока тага Автокоманда и цела Гази Баба денеска се простуваат од својот сограѓанин Боби Ле Петит (Стојковиќ).
Веста за неговата смрт одекна болно во локалната заедница, каде што важеше за синоним за хуманост, добрина и искрено пријателство.
Неговото заминување остави празнина во срцата на сите што го познаваа. Според блиските, тој водел тешка животна битка, борејќи се до самиот крај, но за жал, болеста била посилна.
Со емотивна порака на социјалните мрежи се огласи и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој истакна дека за Боби никој немал лош збор.
„Си замина Боби Ле Петит… Човек со големо срце, хуманист, пријател, вистински другар. Лавовски се бореше, но за жал не успеа. Не постои човек кој за него ќе каже лош збор“, напиша Стефковски.
Градоначалникот упати сочувство до семејството Стојковиќ, нагласувајќи дека ова е загуба за целата населба.
„Денес загубивме сите, не само неговото семејство. Загуби Автокоманда и цела Гази Баба. Искрено сочувство до семејството Стојковиќ за кои нема зборови за утеха. Ќе останат спомените по кои засекогаш ќе го паметиме Боби! Збогум пријателе“, стои во прошталната порака.

