„Погледите на луѓето кои знаат дека умираат, тоа е незаборавно“ – проговори херојот од Кранс-Монтана

Идентификацијата на мртвите сè уште е во тек, бидејќи многу од телата биле тешко изгорени.

Додека пожар зафатил бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, Паоло Камполо, 55-годишен финансиски аналитичар, не чекал пожарникарите да пристигнат. Веднаш ја отворил вратата и влегол внатре за да ги спаси луѓето што биле заробени.

Камполо истрчал кон барот од својот дом, само педесет метри оддалечен, откако неговата ќерка (17) го повикала во паника, велејќи дека нејзиното момче и пријателите се внатре во барот. Пожарникарите биле на пат, но тој не чекал.

„Имаше тела насекаде. Некои беа свесни, некои не. Сите беа изгорени“, изјави Камполо за италијанскиот Ил Месаџеро од болницата каде што се опоравува од вдишување чад. „Молеа за помош на различни јазици. Беа многу млади.“

Неговата ќерка, која ја преживеала трагедијата, се присетила: „Бев заробена помеѓу луѓе што гореле и мртви тела. Само врескав, не сакав да умрам.“

Камполо, заедно со друг маж, со голи раце ги извлекол повредените од барот, еден по еден, и ги положил на снегот пред објектот. Многу од девојките имаа тешки изгореници бидејќи носеа лесна облека.

Само помислив: тоа можеа да бидат моите деца. Кој и да останал внатре, немал каде да избега. Беше стапица.

Пожарот во преполниот подрум на барот одзеде најмалку 40 животи, додека 119 лица беа повредени, повеќето од нив сериозно. Полицијата вели дека најверојатната причина е горење на пенаст материјал на таванот, предизвикано од распрскувачи на шишиња шампањ. Снимките на социјалните мрежи покажуваат келнерка со шише непосредно пред пожарот.

Повеќето од гостите, претежно тинејџери на возраст меѓу 15 и 20 години, се обиделе да избегаат низ единствениот излез и тесно скалиште, што дополнително ја влошило трагедијата. Ќерката на Камполо успеала да избега неповредена, но нејзиното момче сè уште се бори за живот.

„Сликите од оние што не можев да ги спасам ќе ме прогонуваат до крајот на мојот живот“, рече Камполо. „Погледите на луѓето кои знаат дека умираат, тоа е незаборавно.“

Идентификацијата на мртвите сè уште е во тек бидејќи многу од телата биле тешко изгорени. Околу 50 повредени лица биле или ќе бидат префрлени во специјализирани центри за третман на изгореници низ Европа, додека некои пациенти остануваат во индуцирана кома и во критична состојба.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде