Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер, утре врнежите од дожд ќе преминуваат во снег на повисоките, но и на дел од пониските места, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
На планините во западните делови се очекува формирање нова снежна покривка, додека помала снежна покривка е можна и во пониските предели.
Воедно, од Секторот за хидрологија при УХМР соопштуваат дека поради врнежите од дожд во текот на денот е забележано зголемување на водостојот на речиси сите водотеци низ државата. Според хидролошките податоци, значително висок водостој е евидентиран во горниот дел од сливот на реката Вардар, во гостиварскиот и пелагонискиот регион, како и на реките Сатеска и Радика, заедно со нивните притоки.
Жолто ниво за предупредување од поплави – постои потенцијална опасност од локално излевање на реките и суводолиците.


