СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со сообраќајната несреќа што се случи вчера околу 11:30 часот на ул. „Народен фронт“ во Скопје.
Во несреќата, патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С. (18) од Скопје, удри во Љ.Ј. (79), која почина од здобиените повреди, додека возачот избега од местото на настанот.
Веднаш по пријавата, полицијата презеде активности за пронаоѓање на возачот и возилото. Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите во околината, како и изјави на сведоци, утврдено е дека возилото е сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а управувано било од неговиот син С.С. (18).
Возилото беше пронајдено пред домот на сопственикот, каде бил затекнат С.С. (69) и приведен за службен разговор. Утврдено е дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј. (53) од Скопје, ја напуштиле државата истиот ден.
Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода, а против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за кривично дело „помагање на сторител во извршено кривично дело“ по член 365 ст.2 во врска со член 300 и 301 од Кривичниот законик.
Против возачот С.С. (18) е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по член 300 ст.2, во врска со член 297 ст.1 од КЗ, како и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ по член 301 ст.2, во врска со член 300 ст.2.
За С.С. (18) и Б.С. (45) е распишана потерница, а пронајдени се возилата – „фолксваген пасат“ со кое е удрена жената и „мерцедес“ со кое ја напуштиле државата. Двете возила се одземени и известен е јавен обвинител за понатамошна постапка.

