Трагично згасна животот на младиот охридски снимател и продуцент Кристијан Љушев
Во трагичен настан што се случи денеска во станбена зграда во изградба, животот го загуби младиот охридски снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев, на само 28 години (21.04.1997 – 12.01.2026).
Кристијан беше дел од новата генерација македонски креативци, препознатлив по својот талент, посветеност и автентичен визуелен израз. Зад себе остави богато професионално портфолио и бројни проекти кои допреа до широка публика. Работеше на реклами, документарни филмови и музички видеа, а беше вклучен и во интернационални продукции.
Како автор и соработник, реализираше видео спотови за повеќе познати музичари, меѓу кои Александар Јосифоски, Мартин Милески, Влатко Броз и групата Марама, како и за многу други уметници.
Посебно значајно место во неговата работа имаа проектите поврзани со традицијата, културата и духовното наследство на Охрид и регионот, вклучувајќи и проекти за Бигорскиот манастир.
Веста за неговата ненадејна смрт со неверување одекна меѓу колегите, пријателите и пошироката јавност. Блиските се во длабок шок и тага поради загубата на млад човек со исклучителен потенцијал и уште поголемо срце.
„Кристијан беше исклучителна личност, полна со позитивна енергија која ја пренесуваше преку своите фотографии, видеа и секој проект на кој работеше. Ги сакаше луѓето и целосно се внесуваше во работата. Неговото заминување е ненадоместлива загуба“, изјави неговиот стрико и близок соработник Томе Љушев – Шпанец.
Тој додаде дека продукцијата „Шпанец“ никогаш повеќе нема да биде иста без Кристијан, чиј ведар дух, насмевка и препознатлив стил ќе недостасуваат засекогаш.
Почивај во мир, Кристијан.
Твојот траг ќе остане.

