Денеска, на 15 јануари, православните верници го слават рускиот чудотворец кој со смирение и молитва станал симбол на духовна сила.
Православните верници утре, на 15 јануари, го одбележуваат споменот на преподобниот Серафим Саровски, еден од најголемите руски подвижници, чудотворци и духовни учители. Неговиот живот и поука и денес се сметаат за патоказ кон внатрешниот мир, а неговото име со векови се изговара со длабока почит.
Свети Серафим е роден во 1759 година, а се упокоил во 1833 година. И покрај тоа што уште за време на својот земен живот бил познат и славен како човек на чудеса, тој останал доследен на ретко видено смирение.
Додека луѓето му се поклонувале, тој самиот за себе зборувал како за „сакатиот Серафим“, сметајќи се за најмал меѓу сите. Својата сила не ја гледал во чудата, туку во тишината, молитвата и трпението.
Животот на Свети Серафим бил обележан со години поминати во самотија, пост и непрестајна молитва.
Неговите зборови, кои се пренесуваат до денес, повикуваат на мир во душата како најголема победа над немирот на светот.
Верниците веруваат дека токму затоа тој и денес е силен застапник пред Бога за оние што бараат духовна утеха, здравје и спокојство во домот.
Празникот на Свети Серафим Саровски традиционално се смета за ден кога треба да се избегнува секоја расправија и грубост.
Според народното верување, немирот и тешките зборови изговорени на овој ден носат вознемиреност во текот на целата година. Наместо тоа, денот е посветен на смирување, простување и тивка благодарност.
Се верува дека најголемата благодет се добива преку едноставни дела – искрена молитва, покажана милост и воздржаност од осуда. Дури и момент на тишина, поминат со мисла насочена кон доброто, се смета за доволен за да се почувствува духовна леснотија.
Во народната традиција, и вечерата на овој ден има посебно значење. Таа треба да биде скромна и мирна, без изобилство, но со чувство на благодарност. Се верува дека таквата трпеза носи здравје, слога и мир во домот, а домот во кој вечерта минува тивко и без кавги ќе биде заштитен во текот на целата година.
Свети Серафим Саровски останал запаметен како светител кој не поучувал со строгост, туку со љубов и смирение. Неговиот празник потсетува дека вистинската духовна сила не се покажува со гласност, туку со тивка добрина и мир во срцето.

