УБАВА ВЕСТ: Оваа општина одлучи да дава до 30.000 денари за новороденчиња

Во услови на континуирано намалување на природниот прираст и иселување на младите од руралните средини, Општина Могила и годинава предвиде финансиски мерки за поддршка на семејствата и стимулирање на наталитетот.

Градоначалникот Драганчо Саботковски порача дека општината вложува во иднината преку поддршка на младите брачни парови и новороденчињата, нагласувајќи дека семејството останува приоритет.

Според соопштението на општината, родителите на првородено дете ќе добијат 10.000 денари, за второ дете 15.000 денари, а за трето 30.000 денари. Покрај тоа, новосклучените бракови ќе бидат поддржани со по 20.000 денари.

„Ова не е само финансиска помош, туку и јасна порака дека семејството, децата и младите се наши приоритети. Целта е младите да останат во општината и тука да го градат своето семејство и иднина“, изјави Саботковски.

Могила, како и други општини во Пелагонија, се соочува со сериозни демографски предизвици. Според податоци на Државниот завод за статистика, бројот на новородени деца на подрачјето на општината е речиси преполовен – од 66 во 2010 година, на 30 во 2024 година.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде