Отворивме постапки по актуелните два предмети што беа потенцирани од СДСМ во однос на набавките на наводна фирма блиска до власта дека добила тендер во вредност од 9 милиони евра и исто така постапките за јавни набавки за наводно фирма блиска до директорот на СОЗР, вели за Трилинг првиот антикорупционер Адем Чучуљ.
Прашан дали конечна ДКСК ќе покаже „заби“ и ќе се спротивстави на центрите на моќ, првиот антикорупционер вели дека Комисијата постапува и ќе постапува неселективно.
-Ние сме пред сѐ превентивен орган, имаме механизми на располагање кои се од аспект на превенција на корупцијата и доколку утврдиме сомневања за евентуални злоупотреби, нашето е да проследиме до други надлежни органи, коишто понатаму имаат механизми да ги истражат тие случаи – рече тој.
Една од нашите први активности, додаде тој, беше донесувањето на планот за испитување на имотната состојба за 2026 година.
-Предмет на проверка ќе бидат 10 судии, 10 јавни обвинители, градоначалниците, дел на оние што се реизбрани, 10 што им завршил мандатот, 10 пратеници и 10 министри од актуелниот состав на Владата – вели претседателот на ДКСК.

