28-годишник осомничен за обид за убиство

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишно лице, за кое постои основано сомнение дека сторило обид за убиство, казниво по член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Според наводите од истрагата, осомничениот, при вршење семејно насилство во домот во кој заеднички живееле на улицата „Лавчанска корија“ во Битола, се обидел да ја лиши од живот сопствената баба. Настанот се случил на 17 јануари, кога осомничениот најпрво ја блокирал и ја затворил влезната врата од куќата, по што со раце ја удирал жената по главата и телото сè додека таа не паднала во бессознание.

Како последица на нападот, жртвата се здобила со повеќе тешки телесни повреди, вклучително крварења и нагмечувања на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски, со што ѝ бил доведен во сериозна опасност животот.

По извршувањето на делото, осомничениот се дал во бегство, но набргу бил лишен од слобода. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Битола доставил предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци или повторување на кривичното дело.

Во соопштението се наведува и дека искази на дел од сведоците укажуваат на неодамнешни промени во однесувањето и психичката состојба на осомничениот, што отвора сомневање дека тој би можел да боледува од душевно заболување. Поради тоа, а врз основа на стручно мислење, јавниот обвинител предложил судот, по определување на притворот, со посебно решение да го упати осомничениот на медицинска опсервација и психијатриско вештачење во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, во траење од најмалку еден месец.

Истрагата продолжува, а јавноста ќе биде информирана за понатамошниот тек на постапката.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде