Две лица, маж и жена, биле пронајдени починати во нивните домови во два одделни случаи што во текот на вчерашниот ден биле пријавени во полиција.
Првиот случај бил евидентиран на 18 јануари 2026 година околу 16:00 часот, кога во Полициското одделение Јегуновце било пријавено дека во семеен дом во селото Јегуновце, тетовско, е пронајдена почината С.С. (76), жителка на истото село.
На местото интервенирала екипа на Итна медицинска помош од Тетово, која констатирала смрт без видливи траги на насилство. Увид извршила екипа на СВР Тетово во присуство на јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било предадено на обдукција за утврдување на точната причина за смртта.
Неколку часа подоцна, втор случај бил пријавен во 22:15 часот во Полициското одделение Ростуше. Според пријавата, во дом во селото Скудриње, гостиварско, бил пронајден починат Ш.Ш. (55) од истото село.
Лекар од Здравствениот дом Ростуше ја констатирал смртта, исто така без видливи знаци на насилство. По наредба на јавен обвинител, и неговото тело било дадено на обдукција.
Надлежните институции работат на расчистување на двата случаи, а повеќе информации се очекуваат по добивањето на резултатите од обдукциите.

