Првиот снег сезонава предизвика сериозни проблеми во сообраќајот во Скопје, а голем дел од улиците утрово се непроодни или тешко проодни, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи, објави Скопје инфо.
Како најкритични точки се посочуваат мостот Маџари кон Ченто, како и надвозникот од населбата Даме Груев кон Ѓорче Петров, каде возилата со часови стојат во место. Според сведочењата, коловозите се замрзнати, а сообраќајот се одвива исклучително бавно или е целосно блокиран.
Проблеми се пријавуваат и во Општина Илинден, каде се создала огромна гужва, а излезот кон автопатот е речиси невозможен поради замрзнати коловози и застој на возилата. Слична состојба се бележи и во Драчево и Пинтија, каде има долги колони и исклучително лизгави сообраќајници.
Дополнителни проблеми има и во јавниот превоз. Граѓанин преку Твитер сподели:
„Снег – преубаво, ама сабајлево одам на 7-мица на Трета македонска и гледам 200 луѓе чекаат повеќе од еден час. Среќен сепак, одам пеш до Железничка, нешто ќе ме однесе до кај Симпо.“
Граѓаните апелираат до надлежните служби за побрза интервенција, чистење и посипување на улиците, особено на мостовите и надвозниците, истакнувајќи дека поради снежните услови доцнат на своите работни места.
Во меѓувреме, се препорачува возачите да бидат крајно внимателни, да користат задолжителна зимска опрема и, доколку е можно, да ги одложат патувањата додека не се стабилизира состојбата на патиштата.
Извор: Скопје инфо

