Сообраќаен хаос во Скопје, граѓаните револтирани – се огласи и Орце Ѓорѓиевски

Скопје утрово се разбуди под снежна покривка, откако првиот снег годинава падна во раните утрински часови, што, иако со слаб интензитет, создаде непридвидени проблеми во сообраќајот и јавниот превоз низ градот.

Ниските температури и повремени снежни врнежи го отежнаа движењето на улиците, а возачи и пешаци се соочија со изненадување што предизвика забавување или застој на неколку клучни сообраќајни правци.

Граѓаните на социјалните мрежи објавуваа фотографии и видеа од замрзнати тротоари, автомобили со тешкотии при возење и подолги времиња за патување кон работа или училиште. Некои сообраќајни правци беа блокиранипоради неисчистен снег, додека други останаа тешко проодни поради мраз и ниските температури.

Директорите на претпријатијата за зимско одржување на улиците и службите за итни интервенции соопштија дека се на терен и работат на расчистување на снегот, но предупредија дека сообраќајните услови ќе останат отежнати додека температурите не пораснат и снегот не се стопи.

И додека главниот град се справува со само неколку сантиметри снежна покривка, ваквата ситуација ја отвори дебатата за подготвеноста на јавните служби и квалитетот на инфраструктурата за справување со зимски услови – дури и кога снегот е минимален, а неговите ефекти врз нормалното функционирање на градот се видливи.

Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска! Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот, објави на социјалните мрежи градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

– Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.

Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.

Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.

Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима, напиша Орце Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде