Малолетен пешак се здобил со тешки телесни повреди во сообраќајна незгода што се случила денеска попладне во скопската населба Визбегово.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, незгодата била пријавена во 17:03 часот во СВР Скопје.
Судирот се случил на крстосницата на булеварот „Словенија“ со улицата „Ј.Магистрала“, помеѓу патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.Ч. (44) од Скопје, и малолетен пешак, исто така од Скопје.
Повредениот малолетник со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза“, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди. Поради сериозноста на состојбата, тој бил задржан на лекување на Детската хирургија.
Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за утврдување на причините за сообраќајната незгода и целосно расчистување на случајот.

